Психологија на бои - Дознајте како боите во просторот влијаат врз нашето расположение

Најважниот аспект на дизајнот на ентериер е начинот на кој влијае врз расположението на луѓето, па затоа зад секоја добро уредена просторија, стои лична приказна, раскажана преку секој детал, дезен, материјал или боја.

 

Изборот на боите во уредувањето на ентериерот треба да се направи со голема внимателност и прецизност, затоа што бојата ја има една од клучните улоги во создавањето на атмосферата и стилот на просторот.

 

Боите имаат моќ да влијаат на нашите емоции, перцепција и на целокупната енергија во просторијата. Внимателно избраната боја, односно нијанса може да го трансформира амбиентот, создавајќи чувство на топлина, свежина или елеганција. За да се изрази нечиј личен стил и да се нагласи убавината на домот, боите кои ќе преовладуваат во просториите треба да бидат основа на уредувањето.

 

Постојано сме опкружени со различни нијанси и тонови, кои несвесно влијаат на нашето секојдневие. Доколку сте забележале дека во некоја соба чувствувате релаксирани, додека во друга сте многу поактивни и поенергични, тоа не е случајност, туку резултат на психологијата на боите.

 

Иако чувствата што ги предизвикуваат боите, може да се индивидуални, сепак во светот на дизајн на ентериер, секоја боја има своја дефиниција. За да ја изберете идеалната боја која ќе ја отсликува вашата личност и вашиот животен стил, треба да прочитате нешто повеќе за боите и нивното влијание во просторот.

 

Сина - симбол на смиреност и фокус

 

Сината боја често се поврзува со смиреност, стабилност и доверба. Таа има способност да го намали крвниот притисок и да ја зголеми концентрацијата, што ја прави идеална за работни простории и канцеларии. Простории обоени во светлосина нијанса може

визуелно да го зголемат просторот и да внесат чувство пространост, додека темно сината додава доза на елеганција и отменост.

 

Зелена - релаксација и освежувачко чувство

 

Зелената боја, која ја симболизира природата, носи чувство на свежина и релаксација. Секоја нијанса од оваа боја, дава смирувачки ефект и има моќ да го намали стресот. Зелената е одличен избор доколку сакате да се чувствувате целосно опуштени, односно во спални соби или дневни простории, но не и да преовладува во просторот, туку да биде суптилно присутна низ повеќе детали. За уредување на балкон, зелената боја е совршениот избор, преку која ќе ја создадете вашата оаза на мир и релаксација.

 

Жолта - енергија и оптимизам

 

Жолтата боја ја отсликува радоста, енергијата и оптимизмот. Жолтите тонови го зголемуваат нивото на енергија и поттикнуваат чувство на среќа. Сепак, треба да се користи внимателно, бидејќи со прекумерното присуство на жолта боја може да се добие спротивниот ефект, односно да предизвика анксиозност или немир.

 

Црвена - топлина, страст, доминација

 

Црвената боја е силна и интензивна, често поврзувана со страст и емоции. Таа го стимулира срцевиот ритам и може да го зголеми нивото на енергија. Влијанието на цвената боја, многу зависи и од самиот тон. Светлите, посилни нијанси на црвено најчесто предизвикуваат чувство на доминација, храброст или моќ, додека темно црвените нијанси асоцираат на топлина, љубов, страст. Доколку црвената боја ќе биде основата на вашиот дизајн на ентериер, останатиот мебел и сите останати детали треба идеално да ја следат секоја црвена нијанса.

 

Пурпурна - луксуз, впечатливост и креативност

 

Пурпурната боја се поврзана со луксуз и кралска величественост. Уредувањето на домот врз основа на пупрната боја е предизвикувачко, затоа што бара голема креативност и уникатен животен стил. Таа може да создаде чувство на мистичност и инспирација. Пурпурната е одличен избор за простории во кои сакате да преовладува чувство на луксуз и смелост. Вообичаено, оваа боја се користи за впечатливи детали во дневна соба, како на пример големи свеќници или раскошни декоративни перници.

 

Неутрални бои - баланс и хармонија

 

Неутралните бои како бела, сива и беж се многу популарни во внатрешниот дизајн поради нивната способност да создадат баланс и хармонија. Тие се одлична основа за секакви простории, бидејќи овозможуваат лесно комбинирање со други бои и материјали. Белата боја носи чувство на чистота и свежина, додека сивата и беж нијансите додаваат топлина и софистицираност. Најчесто неутралните бои се комбинираат со црна, како најсигурна опција. Но, доколку во одредена просторија владее црната боја, тогаш се создава чувство на интимност, отменост, моќ и сила, а присутноста на неутралните бои создаваат баланс.

 

Боите освен што го дефинираат изгледот на одредена просторија, значително влијаат и врз атмосферата која преовладува. Секоја боја различно влијае врз расположението, носејќи различни емоции и вибрации. При изборот на бои, важно е да го следите вашиот животен стил и личен вкус, бидејќи на тој начин вашиот дом ќе ја раскажува вашата семејна приказна.