Препорачано

Совети за пролетно освежување на вашиот двор или тераса

Секој пролетен ден со себе носи нова енергија, инспирација во големи количини и желба за промени. Оваа сезона е идеално време за да го освежите вашиот двор или тераса и да ја создадете совршената пролетна оаза.

 

Пролет, природа и креативност се тајните „состојки“ за успешно декорирање на надворешниот простор, но и добитна комбинација за секој свеж почеток. Затоа, дозволете и на природата да ве инспирира со сите нејзини убавини и направете го вистинскиот избор на бои и материјали, со цел да го добиете посакуваниот изглед на дворот или терасата.

 

За да се препуштите во процесот на пролетното освежување на просторот, со уживање и задоволство, треба да се водите по неколку корисни совети, кои ќе ви ја олеснат работата,    но и ќе ја разбудат вашата креативност.

 

Пред да започнете со било какво реновирање или декорирање, потребно е темелно да го исчистите целиот простор, а потоа да продолжите со останатите активности. Дворот и тераса се деловите од нашиот дом, кои во текот на зимскиот период, речиси и не ги користиме. Или пак, ни служат како дополнителен простор за складирање на предмети од домаќинството. Затоа, првиот чекор што треба да го направите е генерално чистење и отстранување на сѐ што е непотребно.

 

Откако целиот простор детално ќе се расчисти, ќе добиете чувство на олеснување и самиот двор/тераса ќе биде визуелно поголем, а сето тоа ќе биде поттик за понатамошниот процес на реновирање.

 

Одлучете кои парчиња мебел ќе ги користите, за да може да го обновите и нивниот изглед. Доколку имате мебел изработен од дрво, тогаш новите слоеви боја ќе направат голема, позитивна промена, но внимавајте да изберете нијанса која ја надополнува вашата севкупна естетика во отворениот простор. За да го збогатите изгледот на мебелот, изберете мали декоративни перници во бои или дезени со светол тон, односно светло сина, зелена, жолта или портокалова и подоцна, сите ситни детали нека ги следат тие бои. Внимавајте на материјалот на декоративните перници, затоа што треба да биде отпорен на временските услови, односно на сонце и дожд.

 

Следен чекор е да внесете зеленило во големи количини, бидејќи растенијата и цвеќињата се одличен начин да додадете живот и боја на вашиот надворешен простор. Истражете на кои растенија им одговараат високите температури и долгите сончеви часови, со цел да ги поставите на правилното место. Уште еден интересен трик кој дополнително ќе го разубави просторот е декорација на саксиите, а доколку немате инспирација за тоа, одберете бели саксии кои ќе дадат моќен ефект.

 

Како и за секоја друга просторија, така и за двор/тераса, најважно е осветлувањето. За целосно да се препуштите во отворениот, пролетен амбиент во вечерните часови, треба особено да внимавате на изборот на светла. Пред сѐ, изберете сијалици со послаб интензитет на светлина, во загасита нијанса, затоа што е многу подобро да имате повеќе нежни светилки, отколку една или две кои даваат ефект на, таканаречена бела светлина.

Исто така, од голема помош може да ви бидат и големите, впечатливи свеќи, во различни димензии, бои или дезени.

 

Во останатиот простор, додадете ги вашите омилени детали и украси, преку кои ќе ја изразите вашата личност, а истовремено ќе добиете и поголема приватност.

 

Искористете ги пролетните и летните денови на најдобар начин, уживајќи во вашиот надворешен простор, кој без разлика дали е голем или мал, дали е двор или тераса, со сигурност ќе биде вашата стилска оаза на мирот.