-
26.4.2024
-
Ентериерно уредување, Комфорно и Паметно
Уредувањето на вашата кујна не е задача само на професионалците - тоа е одлична
авантура за секој кој е подготвен за малку забава и самоизразување. Доколку на вашата
кујна и е потребен нов, освежен „лик“, тогаш добро е да знаете дека ве чека цел свет на
можности и стилови на уредување.
Ако денешните кујнски трендови не го следат вашиот животен стил и ако сакате да
направите нешто поразлично и уникатно, тогаш истражете го светот во кој винтиџ шармот
се среќава со модерната естетика и создадете го вашиот „ретро“ рај, кој ќе ве инспирира
да ги зготвите највкусните „спомени“, затоа што кујната е срцето на секој дом.
Ретро стилот на некој начин е времеплов и затоа секој елемент во кујната треба да
раскажува приказна која е важна за целото семејство. Ретро парчињата додаваат посебен
шарм и затоа ќе ја претворат кујната во пријатно место во кое влегуваш гладен, а
излегуваш среќен и задоволен.
За разлика од актуелните кујнски трендови, кои се фокусираат на неутрални тонови со
минимален акцент на дрвени елементи, за ретро стилот се карактеристични „живи“ бои
како тиркизно сина или цреша црвена боја. Но, за да направите вистинска ретро магија во
кујната, треба да ја избришете прашината од сите заборавени кујнски апарати на вашите
родители или баби и дедовци, да ги исполирате и обоите во впечатлива боја, па на тој
начин ќе добиете автентичен изглед, а во исто време ќе заштедите многу финансии.
Потребно е столиците од трпезариската маса да ги ретапацирате со дизајн кој ќе одговара
на целокупниот стил на кујната, а завесите со драпери дефинитивно ќе ја одиграат
најважната улога, односно ќе допринесат во создавањето на топла винтиџ атмосфера.
Исто така, ќе заштедите и со реновирањето на подот, затоа што за совршена ретро кујна,
потребен е само кариран црно-бел ламинат, или веќе поставените плочки обојте ги со
црна и бела боја. За подот да го добие својот полн сјај, треба да издвоите посебен
простор од кујната за мини-семејна галерија, во која ќе бидат поставени фотографии од
вашите најважни моменти, но со црно-бела слика. Веднаш до црно-белите фотографии,
поставете и голем ѕиден часовник кој е идеален додаток за да постигнете безвременски
изглед во кујната.
Всушност, уредувањето во ретро стил за вас ќе биде поттик да се потсетите на вистинските
вредности, на моментите поминати со вашите сакани и блиски луѓе, а притоа целосно ќе
го освежите изгледот на кујната, без да потрошите многу пари и време. Затоа, доколку
ваквата идеја ви се допаѓа, поканете ги пријателите на вечера и во исто време создавајте
заеднички спомени, но и планови за изгледот на вашата нова, ретро кујна.