Работна соба во домот - предности и недостатоци

Во последниве неколку години работењето од дома стана вистински тренд. Дел од компаниите ги затворија своите канцеларии и нивните вработени ги завршуваат работните задачи од нивните домови, а со можностите што ги нуди современата технологија, опцијата - работа од дома е сѐ подостапна.

 

За многу луѓе, една од најголемите предности на работата од дома се намалените трошоци. Прво, не треба да трошите пари за транспорт. Второ, домашните оброци генерално ќе бидат поевтини и поздрави од просечниот избор што го имате кога работите во компанија. Доколку работите од дома, веќе знаете дека заштедувате многу време, кое во спротивно ќе го изгубите во патување до канцеларија и назад. Ако одлучите да го поминете тоа време лежејќи во кревет малку подолго наутро - никој нема да ве осуди.

 

И покрај сите позитивни страни што ги нуди работата од дома, доколку немате работна соба или мини канцеларија, сето тоа знае да биде многу напорно и негативно да влијае на вашето расположение.

 

Доколку сакате да направите промени и да започнете со работа во вашиот дом, размислете добро дали имате слободна просторија која ќе ја реорганизирате и ќе ја прилагодите на вашите потреби. Вашиот приоритет треба да биде светлината. Одберете соба која има природна дневна светлина, на тој начин ќе биде порасположени и ќе имате поголема концентрација за работа. Ако немате таков избор, тогаш обезбедете квалитетни светла, кои нема да ви го заморуваат видот и нема да ви предизвикуваат главоболки.

 

Следно, можеби и најважно - обезбедете си квалитетна работна фотеља. Можеби ќе помислите дека работата од дома носи апсолутен комфорт, тоа нема да трае долго доколку секојдневно поминувате по осум часа „стуткани“ на трпезариски стол.

 

За да може да работите непречено, потребно е да имате добра звучна изолација, за вниманието да не ви го одвлекуваат останатите членови од семејството. Пред да започнете со работа, променете ја облеката која сте ја носеле претходно, на тој начин ќе добиете нова и свежа енергија.

 

Во случај единствениот избор да ви е дневната соба, пред да започнете со работа, расчистете ги сите непотребни работи и расфрлани ситници, со цел да создадете уредна и удобна средина за ефективно работење.

 

Но, и во двата случаи, со сигурност секој работен ден ќе ви биде помалку стресен, кога првото утринско кафе ќе го испиете во удобноста на вашиот дом.