Ако можеби сте мислеле дека ви e потребна некоја ситна или голема промена во вашиот живот, зошто да не започнете со просторот за живеење што ве опкружува? Има толку многу интересни начини на кои можете да пристапите на ваков проект.
Дневните соби, како простор во кој најчесто го поминуваме слободното време, кажуваат многу за нас како поединци. Без разлика дали станува збор за елегантни и исклучително едноставно уредени простори или за оние многу детално осмислени и дизајнирани.
Опуштањето во попладневните часови или разговорот со пријателите, подразбира удобност на секој елемент во таа соба. За да создадете пријатен амбиент, треба да изберете мебел, да акцентирате интересни детали или бои на ѕидот со соодветно осветлување, но пред се мора да внимавате на димензиите на просторијата, за да има доволно простор за непречена комуникација. Затоа, фокусирајте се на удобност, практичност и постигнување пријатна средина.
Иако дневните соби украсени во ориентален стил некогаш беа многу популарни, моментално најпопуларни се модернистичките, современите и традиционалните стилови на уредување.
Кој е вашиот омилен стил на уредување?
• Модернистички стил
Декорирањето во модернистички стил, поврзано со минимализмот, подразбира малку парчиња мебел, чисти прави линии, без премногу украсни предмети. Модернистичкиот стил е карактеризиран преку едноставност и функционалност и се потпира на масовно производство на мебел. Најзастапени се наутралните нијанси меѓу кои преовладува белата, иако понекогаш се додаваат и некои живописни бои за драматичен ефект.
• Современ стил
Современиот стил опфаќа неколку различни стилови кои се појавија во 20-от и 21-от век. Линиите се заоблени за разлика од острите рабови во модернистичкиот стил, а доколку некаде има остри линии на мебел, тие се омекнуваат со перници, теписи и слично. Боите се топли и природни. Современиот стил често се потпира на земјени нијанси како кафена и зелена боја. За декорирање се користат природни материјали како стакло, челик, никел и хром. Најпопуларни дрвени површини во овој стил се јавор и бреза, а за украсување се користат материјали како свила, лен, памук.
• Традиционален стил
Традиционалниот стил обично се поврзува со високата класа од 18-ти век најзастапена во Англија и Франција. Најпопуларните бои се праска портокалова и зелена, а овие бои се надополнети со детали од бронза и злато за да се создаде побогата атмосфера. Цветните дезени на ткаенините се вообичаени, како и тешките детално изработени украси на прозорците. Мебелот е резбан, украсен, речиси уникатен.
Без разлика за кој стил на уредување ќе се одлучите, она што мора да се земе во предвид е одржувањето на овие простории, бидејќи колку повеќе ситници чуваме на полиците на библиотеката, толку повеќе време и мотивација ќе ни треба да ја исчистиме прашината од тие места. Бидејќи сите имаме многу такви ситници, со кои не сме баш сигурни што да правиме, можеби најдобро е да ги оставиме на страна во некоја од практичните, а во исто време и украсни кутии што може да се најдат во продавниците. Ова решение е практично и го разубавува просторот, особено ако кутиите се визуелно убави.
Цветовите и растенијата воопшто, се убав детал во секој дом. Ако имате време да се грижите за нив, нема да зажалите ако одлучите да набавите саксија со орхидеи или љубичици кои ќе ве потсетуваат на пролет во текот на целата година. Меѓутоа, доколку сè уште не сте сигурни дека можете да се посветите на нивното одржување, денес во понудата има најразновиден избор на вештачки цвеќиња и растенија, кои можеби нема да мирисаат толку убаво во вашата дневна соба, но сепак ќе придонесат за атмосферата.
На крајот, луѓето се секогаш најубавиот украс на секој простор, па дружбите со пријателите се она што најмногу ќе ја разубави енергијата на вашиот простор.
Уште еден практичен детал, доколку се впуштите во редизајнирање на вашата дневна соба, е да размислите за софи и фотелји кои се и кревети за спиење. Овие парчиња мебел се многу практични доколку немате можност за посебна гостинска соба, а сигурни сме дека во одреден момент добро ќе ви дојдат доколку семејното или пријателското дружење трае до раните утрински часови.